Гингивитис
Заболените непца лесно се забележуваат - црвени се и воспалени.
Доколку и Вашите непца се зацрвенети во пределот на границата со забот и доколку тој дел е чувствителен на допир или крвави при четкање или чистење со конец, најверојатно се справувате со гингивитис.
Еве како се создава проблемот: крвавите и чувствителни непца најчесто укажуваат дека се има создадено плак во нивната околина, најверојатно во џебовите на непцето (вдлабнатината помеѓу непцето и забот). Џебот претставува бразда која е продлабочена. Колку е браздата подлабока, толку е потешко да се допре до неа. Бидејќи е невозможно да се исчисти, доаѓа до таложење на плак. После одреден период, плакот се стврднува и мора да се отстрани.
Овој плак се разликува од оној кој ги деминерализира забите. Овој тип го создаваат анаеробичните бактерии. Кога овие бактерии ќе се насоберат околу непцето, во граничниот дел со забот, непцето се воспалува. На воспалението треба да му се посвети внимание, бидејќи следната фаза на гингивитисот вклучува заболување на забите и губење на коскеното ткиво.
Заболувања во пределот на забите
Додека заболувањата на непцата се лесно видливи, оние во пределот на забите не можат лесно да се забележат. Болеста не се забележува во првите фази, бидејќи не е пропратена од болка, но со текот на времето состојбата се влошува и станува навистина сериозна. Сево ова се случува без да забележите. Како и со воспалението на непцата, со редовна стоматолошка проверка се попречува ваквиот развој на проблеми. Доколку заболувањето не достигнало посериозни размери, загубата на коскеното ткиво се запира со третманот наречен Фаза 1 или Фаза 2.
Фаза 1 Перио
Фаза 1 Перио предвидува стругање, поткопување и израмнување на површината на заболениот корен. Ова не е хируршки третман, наречен е стругање и обликување на коренот и подразбира отстранување на заболениот дел над и под непцето.
Инструментот за стругање изгледа како пенкало со закривен крај, кој што му овозможува на стоматологот да допре до тешко пристапните места, како што се џебовите. Со стругањето се отстрануваат и сите бактерии кои го предизвикуваат заболувањето (наречени бактериски ендотоксини), кои се наоѓаат под непцето, прицврстени за површината на коренот. Откако ќе заврши стругањето, најчесто следи третман на местото со ултразвук, кој наликува на мал апарат за дување лисја, кој што буквално ги распарчува попристапните закоравени наслаги на забот.
Со процедурата на обликување на коренот на забот се отстрануваат бактериските ендотоксини и заболениот цемент (наслагата од клетки на надворешниот дел од коренот, каде се спојува со забот). Со оваа процедура се измазнува површината на коренот.
Доколку и непцето е воспалено исто така, стоматологот го чисти со киретажа. Со оваа процедура се отстранува надворешниот слој на воспаленото ткиво од внатрешната страна и на тој начин потоа тоа може да заздрави допирајќи се до исчистената и израмнета површина на коренот.
Штом се исчисти, непцето се стега околу коренот и продлабочениот џеб се намалува. Штом се излечи ткивото, следи период на набљудување на џебот, за да се увиди дали првата фаза е успешно завршена.
Пред да ја напуштите ординацијата, стоматологот најчесто аплицира хемотерапевтски лек во пределот каде е изведен зафатот. Лекот е мал и може да е во форма на гел кој се поставува под непцето со помош на шприц. Во било каква форма, лекот содржи антибиотик, како доксициклин или миноциклин, кои што ги отстрануваат преостанатите бактерии, го забрзуваат процесот на заздравување и му овозможуваат на џебот побрзо да се стесни. Лекот има период на делување од десет денови. Некои стоматолози им препишуваат на пациентите антибактериска водичка за испирање на устата, наречена Хеџорал (лабораториско име: хлорхексидин глуконат). Бидејќи ова средство ги бои забите, за време на третманот ќе треба да го користите и приборот за избелување на забите во домашни услови.
Фаза 2 - хируршки зафат на непцето во околина на забот
Доколку не е доволен горенаведениот третман, потребно е да се изврши хируршки зафат за чистење и отстранување на џебовите. Со овој зафат се отстранува одвишокот на меко ткиво и се обликува коската која лежи под него, со што ќе се овозможи џебот да заздрави со помала длабочина. Третманот завршува со тоа што непцето се зашива на своето место, со што се постигнува крајниот резултат - повторно да ја обвитка површината на забот.
Со овој зафат се добива поголема видливост на коската и може да се процени дали да се отстрани дел од коската, за да се отстрани и заболеното ткиво или да се направи коскен трансплантат. Сé зависи од анатомијата на заболеното место.
Трансплантација на коска и ткиво
Како и трансплантацијата на кожа, така и трансплантацијата на коска и ткиво поттикнува регенерација. Техниката се нарекува регенерација на ткиво и подразбира поставување на мало мрежесто парче помеѓу коската од забот и непцето. Со оваа процедура се спречува непцето да заздрави и да се прошири во пределот предвиден за раст на коската.
Постојат и други причини за воспаление и крварење на непцата:
Бременост:
Хормоналните промени кои предизвикуваат необјасниви потреби за одреден вид храна и неочекувани напади на плач можат исто така да предизвикаат и крварење на непцата. Оваа состојба има свое име - гингивитис во бременоста. Хормоналните промени придонесуваат до зголемена чуствителност на плак, при што доаѓа и до зголемен ризик од воспаление. Сепак, состојбата се избегнува или лекува со внимателна грижа во домашни услови и грижа од стоматолошкиот тим.
Ослабен имун систем:
Крварењето на непцата е исто така резултат од ослабен имунитет, на пр. во случај на настинка. Во овој случај доаѓа до крварење бидејќи устата е повеќе подложна на вируси кога имуниот систем е ослабен. Така, доаѓа до отекување и чуствителност на непцата.
Стрес:
Телото на човекот е способно да издржи одредено ниво на стрес, но не преголемо, бидејќи состојбата се одразува на здравјето на усната празнина. Штом стресот се намали, непцата ќе се повратат во здрава состојба.
Наследност:
Заболувањето на непцето може да е резултат од наследен фактор. Истражувањата открија дека промените во генот на катепсин-Ц ензимот предизвикуваат синдром наречен Папилон-Лефер (Папиллон-Лефевре). Симптомите на овој синдром вклучуваат крлушесто и брадавичесто задебелување на кожата, ерозија на меките ткиво околу устата и непцата и крварење на непцата.
Младешка периодонтоза:
Како што посочува и самото име, оваа состојба се јавува кај младите, особено кај оние кај кои има присуство на вирулентен вид на бактерии кои е тешко да се елиминираат. Доколку не се спроведе агресивен периодентален третман, овие млади може да ги загубат предните заби и првите катници. Постојат микробиолошки техники со кои се изолира овој вид на бактерии и на тој начин се овозможува полесен третман на заболувањето. Третманот предвидува микробилошки и хируршки пристап, кои во комбинација со внимателна домашна нега резултираат во успешно лекување на состојбата.
Забелешка:
Повременото крварење на непцата се јавува често, особено доколку започнете со редовно чистење на забите со конец. Во овие случаи крварењето запира во период од една седмица. Доколку не дојде до прекин, а претходно сте се подложиле на процедура за отстранување на плак, задолжително консултирајте се со стоматологот. Понекогаш крварењето на непцата е предзнак за многу посериозни нарушувања, како нарушување на крвта или дури и леукемија. Доколку отеченоста не е резултат од плак, треба да се направи проверка на крвта, за да се утврди дали постои некој друг здравствен проблем.
Дозволени и забранети активности за здрави непца
• Четкајте ги и чистете ги забите со конец барем два пати во денот. Со себе секогаш носете четкичка (хигиенски спакувана во своја засебна футрола) и конец за заби.
• Не конзумирајте претерани количества на зашеќерена и масна храна.
• Редовно земајте додатоци на калциум и витамин Ц, бидејќи придонесуваат за здрави непца. На пазарот постојат додатоци во исхраната кои го потпомагаат заздравувањето на мекото ткиво и ја подобруваат здравствената состојба.
• Не се изложувајте на премногу стрес. Непцата се само една ставка од долгииот список на делови на телото кои страдаат од преголемо количество на стрес.
• Подложете се на професионално чистење на забите барем два пати во годината - и повеќе од двапати, доколку непцата Ви се воспалени или сте биле подложени на позначајни стоматолошки зафати во минатото. (површината на поправените заби е повеќе подложна на плак; повеќе и од онаа на природните заби)
• Конзумирајте храна богата со влакна, како што се овошјето и зеленчукот. Влакната ги зајакнуваат тврдите и меки ткива во усната празнина.
ЧЕТКАЊЕ И ЧИСТЕЊЕ НА ЗАБИТЕ СО КОНЕЦ
ЧЕТКАЊЕ И ЧИСТЕЊЕ СО КОНЕЦ: Сигурно ги четкате забите два пати во денот. Сигурно ги четкате колку што треба - 2 мин, но, дали знаете како точно треба да четкате?
СЕ E ВО РАЧНИОТ ЗГЛОБ: За почеток, држете ја четкичката кон забите под агол од 45о, при што ќе можете да правите движења во двата правци, лево и десно, а влакната ќе можат нежно да се движат помеѓу празнините, непцата и забите. Со ова лево-десно движење ги оттргнувате бактериите од критичниот дел околу непцето.
ОПФАЌАЊЕ НА СИТЕ ДЕЛОВИ: Од особена важност е да ги исчеткате сите површини, вклучувајќи ја и внатрешната површина на образот, кај забите од горната вилица и површината на горните и долните заби од внатре.
НЕ ПРИТИСКАЈТЕ ПРЕМНОГУ: Не ослободувајте ја негативната енергија преку четкањето на забите. Доколку забележите дека непцата Ви се зацрвениле после четкањето, значи сте притискале премногу со четката.
ВРЕМЕ: Потребно е да четкате најмалку две минути. Овие две минути се потребни за да се зачува здравјето на усната празнина и да се спречи таложење на плак. За да бидете сигурни дека сте ги четкале забите доволно долго, бројте или поставите мал тајмер, само не престанувајте додека не измине и втората минута.
ТРИ ПАТИ НА ДЕН: Најдобро би било да ги четкате забите наутро, после будење, навечер, пред да заспиете и после секој оброк. Но, четкањето три пати на ден е добар просек.
И МАЛКУ Е ДОВОЛНО: Иако на ТВ рекламите гледаме како актерите ставаат прилично големо количество паста на четкичката, потребно е всушност не повеќе од големината на грашок. Доколку ставите повеќе од тоа, ја трошите пастата бесцелно. Децата треба да ставаат количина колку фосфорната глава на кибритчето.
Четкање на забите на бебињата:
Здравите први запчиња допринесуваат вилиците да завземат коректна позиција, а со тоа децата да добијат правилен загриз. Штом се појави првото запче, треба да се четка два пати во денот. Во почетокот можете да го завиткате прстот со газа и на тој начин, со триење, да го исчистите забот. Не е потребна паста сè до третиот роденден. Консултирајте се со стоматолог пред да му дадете на детето да користи забна паста со флуорид. Доколку веќе му давате на детето додаток во исхраната со флуорид или доколку тоа пие флуоридирана вода, не треба да користи паста со флуорид. Но, доколку стоматологот Ви ја препорача, поучете го детето да користи количина колку главата на кибритче. Децата често ја голтаат пастата за заби.
ЧИСТЕЊЕТО НА ЗАБИТЕ СО КОНЕЦ ГО ПОТТИКНУВА ЗДРАВЈЕТО: Конецот ќе досегне до местата каде четкичката не може. со конецот се отстрануваат делчиња од храна и плак што се кријат зад или помеѓу забите. Всушност, стоматолозите се на мнение дека чистењето на забите со конец е од поголема важност за здравјето на забите отколку четкањето. Но, како и неправилното четкање, така и неправилното чистење со конец може да предизвика проблеми. Затоа, бидете сигурни дека правилно ги чистите забите со конецот.
ЧИСТЕЊЕ НА ЗАБИТЕ СО КОНЕЦ:
• Искинете околу 50 см од конецот и намоткајте го околу показалецот или средниот прст. Остатокот намоткајте го на истиот прст од другата дланка, а меѓу нив оставете слободно парче конец во должина од околу 18 см.
• Одберете едно место од кое постојано ќе почнувате со чистењето. Луѓето најчесто се одлучуваат за секачите или задните катници.
• Поставете го конецот помеѓу забите и затегнете го, а потоа повлекувајте наизменично кон надвор и кон внатре за да ја исчистите празнината каде е поставен конецот.
• Следно, поставете го конецот под мекото ткиво. Влечете го во правец лево-десно по површината на забот, за да може да влезе под ткивото. На овој начин ќе го отстраните плакот кој се наталожил, а при тоа нема да го повредите ткивото. Можете да се повредите доколку погрешно се трудите да го поставите конецот под ткивото (доколку конецот го држите во вертикална „У” позиција и повлекувате нагоре).
• Доколку конецот се заглави, не тргајте за да го извадите. Лесно лизгајте го помеѓу забите, додека не се намести повторно во правилна позиција, а потоа повторно исчистете го просторот со лево-десно движење. Повторете ја процедурата со сите заби.
БЕЗ ОПРАВДУВАЊА:
Сигурни сме дека ќе Ве предомислиме доколку сметате дека чистењето на забите е досадна навика.
Исчистете само неколку заби со конец, а потоа помирисајте го.
Не мириса убаво, нели?
Со тој мирис ги почестувате соговорниците доколку не ги чистите редовно забите со конец. Не правите лошо само за Вашите заби, туку и за останатите околу Вас. Ваквиот здив не го прекрива ниедна бомбона за свеж здив!
КОРИСТЕТЕ КОНЕЦ ЗА ПОЗДРАВ ЖИВОТ:
Постои директна врска помеѓу чистењето на забите со конец и превенцијата од срцеви заболувања. Многу студии дошле до заклучок дека недоволното чистење на забите и нередовната употреба на конец за заби можат да доведат до срцево заболување. Најновите истражувања покажаа дека заболените непца ослободуваат во крвта зголемени количества бактерии кои предизвикуваат воспаленија. На овој начин овие бактерии доспеваат до сите органи, вклучувајќи го и срцето, и го зголемуваат ризикот од заболување. Заболувањата на непцата поттикнуваат формирање ранички на ѕидовите од крвните садови и го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни и цереброваскуларни (инфаркт) заболувања.
Чистење
Стоматологот ги открива сите почетни проблеми или проблеми во поодминат развој. Подложете се на професионално чистење на забите два до три пати во годината, дури и почесто доколку во минатото сте биле подложени на позначајни стоматолошки зафати. Стоматологот ќе го отстрани плакот што не сте успеале да го отстраните, ќе ги отстрани и другите наслаги кои не можат да се отстранат со четкичка и конец, а притоа ќе ги отстрани и сите останати проблеми и кариес. Професионалното чистење е премија за вашата насмевка. Оваа инвестиција заштедува многу долгорочно, бидејќи со овој третман се откриваат помали проблеми, кои доколку не се откријат на време, можат да прераснат во поголеми компликации. Професионалното чистење на забите ги отстранува наслагите над и под непцата, ги полира надворешните дамки на забите и Ви овозможува сèопфатна лекција по грижа за здравјето на усната празнина. Стоматологот го објаснува секој чекор од чистењето и објаснува зошто непцата може да почнат да крварат или да се почуствителни. На светлото за преглед се прикачува или огледало или мала камера и на тој начин Ви е овозможено да гледате и разберете што прави стоматологот. Поинаква е ситуацијата кога ќе Ви се каже дека треба да внимавате повеќе на последните катници, а сосема е друга кога и ќе гледате како стоматологот работи на нив и ќе разберете како можете на истиот начин да се потрудите да ги исчистите катниците во домашни услови. На крајот, врз основа на моменталната здравствена состојба на Вашата усна празнина, стоматологот може да Ве посоветува кои техники треба да ги користите во редовната грижа во домашни услови.
|